За нормален живот, на едно четиричлено семејство за јануари му требале 32.354 денари или над 500 евра. Во оваа сума влегуваат 13.354 денари за храна и пијалаци, за домување 10.487 денари, средства за хигиена 2.289 денари, за транспортот, односно за месечни билети 2.349 денари, за облека 2.126 денари, за култура 1.070 денари или еднаш месечно да одат во кино. За здравствена грижа се пресметуваат 676 денари.
Во споредба со јануари минатата година, кога за едно четиричлено семејство беа потребни 32.199 денари, годинава оваа бројка е зголемена за 155 денари. Граѓаните се жалат дека нивните приходи не се доволни за нормален живот и не може да им стигнат до крајот на месецот.
„Јас сум веќе една година во пензија, со 8.800 денари, четири члена со една пензија. Трошоците се знаат, струјата доаѓаат 4.000 – 5.000 денари, што останува, ништо. Ѓубретарината треба да се плати и толку. Платата не треба да биде помалку од 15.000 денари“
“Не сме задоволни. За храна, трошоци за домаќинство. Просечната плата треба да биде 30 илјади денари“, велат анкетираните граѓани.
Според податоците на Државниот завод за статистика, цените во јануари годинава во однос на истиот месец лани се зголемени за 2,3 отсто. Исто така, според овие податоци, значителен раст е забележан кај горивата за домаќинство и тоа за 10,4 насто, горива и мазут 2,7 насто, телефонските услуги за 9,8 насто. Исто така, зголемување на цената се забележува и кај овошјето и зеленчукот, морската храна и јајцата.