Зелената нафта која земјоделците ќе ја добијат до крајот на месецов, веќе одамна се применува во многу земји во Европа и во соседството. Според агроекспертите оваа мерка, која земјоделците долго ја очекуваа ќе придонесе за поголема конкурентност на македонското земјоделско производство и намалување на трошоците за производство.
Зелената нафта која земјоделците ќе ја добијат до крајот на месецов, веќе одамна се применува во многу земји во Европа и во соседството. Според агроекспертите оваа мерка, која земјоделците долго ја очекуваа ќе придонесе за поголема конкурентност на македонското земјоделско производство и намалување на трошоците за производство. И покрај најавите дека зелената нафта ќе стигне до сите земјоделци, сепак некои од земјоделците сметаат дека нема да можат да ја добијат поради нерешени имотно-правни односи и немање на договор за закуп на земјиштето кое го обработуваат. Сепак, таа во голем дел ќе им ги намали трошоците и ќе им ги поевтини производите на оние што ќе ја добијат. Зелена нафта како мерка за поттикнување на земјоделското производство одамна се применува во многу европски земји и во соседството. За разлика од кај нас во соседна Србија изминативе три години имаше само акциски попусти на горивото кое земјоделците го користеа за земјоделската механизација.
Кофинансирањето на почетокот ќе биде 30 отсто од трошоците, но со оглед на тоа дека се работи за нова мерка што прв пат се воведува, не е исклучено овој процент да се зголеми до 50. Користењето на картичките е предвидено да биде за повеќе години. Земјоделците би можеле да ги користат во сезоните кога вистински таа нафта се употребува за конкретното земјоделско производство за кое е наменета.
Во Србија пак, земјоделците изминатите три години добиваа акциски попусти од нафтените компании кои во голем дел им ги намалуваа трошоците за производство. Што се однесува до субвенциите од Владата за земјоделска нафта и тие сè уште ги чекаат.
-Отприлика трошам околу пет илјади литри годишно. Во иднина ќе користам и повеќе бидејќи почнав да се занимавам и со сточарство, така што се надевам дека субвенциите за гориво ќе бидат во висина на акцизата која ја плаќам за горивото, а која не се плаќа во ниту една земја во Европска Унија, вели земјоделец од Суботица, Павле Кујунџиќ.
Наместо скап дизел, во Србија земјоделците за да ги намалат трошоците во своите трактори сипуваа нелегално купено базно масло, па дури и обичен зејтин. Затоа за нив не е важно на кој начин ќе се субвенционира, дали преку враќање на делот за акциза, дали преку посебно обоен дизел за земјоделско производство, важно е оти ќе ги намали трошоците на инпутот на земјоделското производство и ќе придонесе во борбата против сивата економија во овој сегмент.