Претседателот на Владата на РМ, Зоран Заев, во своето обраќање на собраниската седница, информираше дека најголем дел од буџетот на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство е издвоен за Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, односно 8,6 милијарди денари за директната финансиска поддршка во земјоделството и за рурален развој.
„Со тоа го унапредуваме и зголемуваме земјоделското производство и овозможуваме навремена и неселективна исплата на субвенциите, тогаш кога на земјоделците им се најпотребни.“ – рече Заев.
„Преку Програмата за рурален развој, инвестираме над 1,8 милијарди денари во создавање производи со висока додадена вредност, модернизирање на агро-секторот и развој на руралните средини. И ова е потврда дека парите ги враќаме кај граѓаните. Постигната е највисока просечна откупна цена на тутунот од 217 денари по килограм, при што обезбедивме највисоки субвенции до сега од 80 денари за прва класа, 70 за втора и 60 денари за трета и за дополнителните класи. Лозарите се задоволни од било кога повеќе. Земјоделството го правиме атрактивно и за младите. 424 одобрени грантови од по 10.000 евра за мерката за поддршка на млади земјоделци“, рече премиерот.