Болести кај копнени животни

Вести Совети Сточарство

Бруцелоза кај овци и кози

Бруцелозата кај овците и козите во Република Македонија, предизвикна од Brucella melitensis причинува огромни штети во македонското сточарско производство и представува голем здравствен проблем кај малите преживари, ново истовреме претставува и најсериозната зооноза од која годишно во Република Македонија заболуваат значителен број на луѓе. При изборот на соодветна стратегијата за контрола на болеста се  земени во предвид епизоотиолошките прилики во Република Македонија, односно раширеноста на болеста во земјата, преваленцијата, расположливите финансиски средства, проучувањето на теоријата и литературата од оваа област и практичните искуства од земјите кои веќе подолго време се обидуваат да ја ставата бруцелозата под контрола. Со програмата за сузбивање и искоренување на бруцелозата кај овци и кози во зависност од застапеноста на болеста се применуваат различни мерки за нејзина контрола:

  • Тестирање и колење
  • Комбинација на вакцинација/Тестирање и колење
  • Вакцинацијата на овците и козите е единствен ефикасен и практичен метод за контрола и намалување на преваленцата на болеста.

 

Бруцелоза кај говедата

Бруцелозата кај говедата најчесто е предизвикана од бактеријата Brucella abortus поретко од Brucella melitensis, а повремено од Brucella suis. Од Бруцелозата покрај  говедата можат да заболат и други животни но и луѓето. Една од главните знаци на болеста е абуртус.

Начин на ширење на болеста: Говедата се инфицираат со директен контакт од заболени животни или контаминирана околина и затоа е важно да се напомене дека со купувањето на говеда со непознат здравствен статус (без соодветна документација) на добиточни пазари или директно од одгледувачите е најчест начин на внесување на болните животни во одгледувалиштата.

Агенцијата за храна и ветеринарство ги имплементира мерките за контрола на болеста согласно Програмата за сузбивање и искоренување на бруцелозата кај говедата која е донесена во 2007 година.

Во текот на годината се спроведуваат редовни дијагностички испитувања на сите говеда постари од 6 месеци на територијата на Република Македонија.Земањето на крвни проби за тестирање на говедата го вршат ветеринарните друштва кои се овластени субјекти одговорни за имплементацијата на програмата. Дијагностичките тестирања се вршат од страна на националната референтна лабораторија, во состав на Факултетот за ветеринарна медицина (ФВМ) Скопје. Доколку со тестирањето се откријат заболени животни, се наредуваат мерки за сузбивање и искоренување на болеста од страна на официјалните ветеринари (ветеринарни инспектори). Спроведувањето на овие мерки е задолжително. Заболените грла се одземаат и се испраќаат на колење во кланица, а за нив од Буџетот на Р.М. се обезбедуваат средства за исплата на надомест на штета во висина на пазарната цена на одземените говеда. Тестирањето на бруцелоза кај говедата е целосно бесплатно за одгледувачите (трошоците за земањето на примероците и дијагностичкото испитување се на товар на Буџетот на Р.М.).Спроведувањето на оваа програма значеше почеток на напорите на Агенцијата за храна и ветеринарство да ги исполни обврските кои ги има во областа на здравствената заштита на животните и нивна хармонизација со соодветната легислатива на ЕУ. Мерките кои се пропишани со оваа Програма претставуваат појдовна точка во заштита на здравјето на животните и луѓето. На овој начин се обезбедуваат основните предуслови за непречена трговија и извоз на живи животни и нивни производи.

 

Беснило

Беснилото е смртоносно заболување кај животните (цицачите) и човекот предизвикано од вирус кој го напаѓа нервниот систем. Вирусот се наоѓа во плунката на заболените животни и се пренесува на луѓето и животните преку каснување, гребење или лижење од болно животно. Вирусот го напаѓа нервното ткиво – мозокот и предизвикува симптоми карактеристични за пореметување на нервниот систем. Штом ќе се појават симптомите болеста завршува фатално и кај животните и кај луѓето, но доколку навремено и соодветно се третира болеста се спречува со сигурност. Веднаш по контакт со заболено или сомнително животно раната (местото) треба да се измие со големо количество на вода и сапун и да се прими соодветен третман против беснило.
Болеста е широкораспространета во светот. Во Европа главен домаќин и преносител на вирусот се лисиците, во Азија, Африка и Јужна Америка кучињата додека во Северна Америка лилјаците, творовите и ракуните.
Беснилото е присутно во земјите од Балканскиот регион (Србија, Косово, Црна Гора, Хрватска, Босна и Херцеговина, Грција, Албанија, Бугарија). Во Македонија првиот случај е регистриран во јули 2011 година кај лисица во околината на Велес. Досега потврдени се вкупно девет случаи на беснило во регионите на Велес, Виница, Македонска Каменица, Гевгелија, Кочани и Радовиш, од кои осум кај дивите животни (лисици и волци) и еден случај кај домашни животни (мачка). Во 2013 година не е потврден ниту еден случај на беснило.

За успешна контрола на болеста многу е важно секое сомнително животно на беснило, да се пријави до најблискиот ветеринар или до ветеринарниот инспектор.

Доколку забележите домашно или диво животно невообичаено да се однесува, да покажува зголемена агресивност, или диво животно да се однесува питомо и пријателски настроено кон луѓето, да се движи во населени места преку ден, Ве молиме задолжително да го пријавите.

Исто така треба да се пријават сите угинати или животни прегазени од возила.

Орална вакцинација на лисиците

За контрола и спречување на ширење на болеста од дивите на домашните животни и луѓето, со почеток од 2011 година, Агенцијата спроведува програма за орална вакцинација на лисиците против беснило. Вакцинацијата се врши двапати годишно (пролет и есен) со дистрибуција на вакцинални мамки на целата територија на Р. Македонија со исклучок на населени места, водени површини и високи планински врвови. При секоја вакцинација се дистрибуираат по 500.000 мамки за да се постигне густина од 21 мамки /км2 што се смета за оптимален број на мамки за да се имунизира популацијата на лисици во Р.Македонија. Мамките се дистрибуираат со авиони од типот Цесна.

Досега реализирани се пет вакцинални кампањи, есенската кампања оваа година се спроведе во периодот октомври-ноември.
По секоја кампања, Агенцијата спроведува пост-вакцинален мониторинг заради контрола на успешноста на оралната вакцинација. Резултатите потврдуваат дека програмата е успешна и ефикасна.
Орална вакцинација на лисиците спроведуваат и другите земји од Балканскиот регион (Србија, Косово, Црна Гора, Хрватска, Босна и Херцеговина, Грција, Албанија, Бугарија).

За да се заштитат од беснило кучињата и мачките треба задолжително да се да се вакцинираат секоја година. Вакцинацијата се врши во овластените ветеринарни амбуланти.

За контрола на беснило се применуваат одредбите од Правилникот за начинот и постапката на пријавување на беснило кај домашни и диви животни и мерките кои треба да се превземат за сузбивање и искоренување на беснилото (Службен весник на РМ бр. 155/12).

Класична чума кај свињите

Класичната чума кај свињите е вирусно заболување кај домашните и дивите свињи кое предизвикува огромна економска штета во свињарското производство. Дивите свињи можат да бидат носители на врусот и да ја пренесат болеста на домашните свињи. Другите животни и луѓето не заболуваат. Болеста е широкораспространета во светот. Присутна е и во Европа и во земјите од Балканскиот регион. Во Р. Македонија последниот случај на класична чума кај свињите е потврден во 2008 година и кај домашните и кај дивите свињи.
Во согласност со законските одредби, како мерка за контрола на болеста, кај свињите се врши задолжителна превентивна вакцинација против класична чума кај свињите на целата територија на Р. Македонија. Вакцинацијата на свињи се врши во текот на целата календарска година со атенуирана вакцина според упатството на производителот на вакцината, при што возрасните грла се вакцинираат еднократно, а прасињата двократно.
За успешна контрола на болеста Агенцијата за храна и ветерина врши мониторинг кај дивите свињи, застрелани од страна на ловните друштва во текот на ловната сезона.
Кај дивите свињи не се применува вакцинација.
Изготвена е “Cost-benefit” анализа со која се направени проекции за превземање на понатамошни мерки за сузбивање и искоренување на Класичната чума кај свињите на територијата на Република Македонија во согласност со одредбите во Европската Унија каде болеста е целосно искоренета и превентивната вакцинација е забранета. Резултатите од оваа анализа треба да помогнат во донесување на одлуката во однос на мерките кои Агенцијата за храна и ветерина треба да ги превземе во иднина, со цел да се овозможи извоз на живи животни и производи од животинско потекло на пазарите на земјите членки на Европската Унија.

 

Американска чума кај пчелите

Американската чума на пчелното легло е заразна болест на леглото кај пчелите која што е распространета во целиот свет. Болеста е присутна во текот на целата година, ги напаѓа пчелните ларви стари до 53 часа (поклопеното пчелно легло), предизвикувајќи нивно угинување. Иако возрасните пчели не заболуваат сепак болеста остава последици на пчелното семејство во целина поради нарушената смена на генерации, така што се добива слика на постојано слабеење на пчелното семејство кое сосема ќе изумре за 2-3 години по заразувањето. Болеста најчесто се пренесува при вршење на пчеларски активности кога пчеларот од незнаење или не придржување кон одредени санитарно – хигиенски мерки ја пренесува болеста. Предизвикувачот на болеста во неповолни услови создава спори кои што се многу отпорни во надворешната средина и можат да предизвикаат болест кај пчелите и по период од 35 години. Болеста нанесува големи економски штети во пчеларството.
За подобра контрола и поефикасно откривање на болеста, согласно Годишната наредба за здравствена заштита на животните за 2013 година, сите пчелни семејства треба задолжително да се прегледаат најмалку еднаш годишно од страна на ветеринарно друштво кое има склучено договор со одгледувачот на пчелите. Во случај на сомнеж на болеста, сопственикот треба да го извести ветеринарното друштво или ветеринарниот инспектор кои од сомнителните пчелни семејства треба да земат материјал за лабораториско испитување.

 

Трихинелоза

Трихинелозата е паразитско заболување кај животните и луѓето распространето во целиот свет. Многу животни можат да бидат резервоари на болеста но најчесто кај луѓето се пренесува од свињите, дивите свињи и коњите. Паразитот е присутен во мускулатурата на инвадираните животни и кај луѓето се пренесува доколку консумираат недоволно термички обработено месо. Периодот на инкубација кај луѓето (од консумирање на инвадирано месо до појавата на првите знаци на болеста) изнесува 1-2 дена по што се јавуваат треска и гастро интестинални симптоми предизвикани од паразитите кои во таа фаза се наоѓаат во цревниот систем кај луѓето. Една недела подоцна паразитите ги напаѓаат мускулите што се манифестира со болки во мускулите и треска. Во понатамошниот тек на болеста треската поминува но болките во мускулите остануваат доколку не се примени соодветна терапија. Зависно од бројот на паразити кои ќе се внесат во телото симптомите варираат од незначителни до многу тешки. При масовно инвадирање на дебелото црево или внатрешните органи болеста може да заврши и фатално.
За да се спречи појавата на болеста кај луѓето најважно е да не се консумира недоволно термички обработено месо, особено од диви животни.
Согласно Годишната наредба за здравствена заштита на животните од секоја застрелана дива свиња треба да се испрати мостра за испитување на трихинелоза. Месото од застреланите диви свињи не треба да се консумира пред да се добијат резултатите од дијагностичкото испитување.

 

 

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *