Четири клучни фактори за високи приноси

Вести Совети

Во подготовката и одгледувањето на земјоделските култури четири фактори директно го лимитираат приносот, особено кај житарките. Квалитетот на почвата со составните елементи, храната за прихранување и на почвата и на житарките, користењето на квалитетно сертифицирано семе и водата се клучните фактори. Се останато што е потребно, климата и природните услови, ги имаме во Македонија.

 

ПОЧВА

Во Македонија воглавно се мали парцели, коишто според квалитетот се главно од втора, трета, па до седма категорија. Почвата со составните елементи е многу битен фактор за успешен род, бидејќи кај нас веќе се подзаборави подготовката на почвата за сеидба. Но, пред да се започне со таа операција, најдобро е да се направи агрохемиска анализа. Преку неа се доаѓа до сознанија за тоа што недостига во составот на почвата. Во основа, почвата треба да ги содржи трите макроелементи: азот, фосфор и калиум, коишто се неопходни за создавање на органска храна кај растенијата по пат на фотосинтеза. Покрај нив, битни се уште 12-тина микроелементи.

Подготовката, ситнењето на почвата е, исто така, многу битен елемент кој има големо влијание на добрите резултати. Првото орање започнува уште во јули, веднаш по жетвата. Второто орање е пред сеидбата, а потоа се рамни, сее и покрива. При подготовката на земјата битно е и запазувањето на оптималните рокови за сеење. Во јужниот дел од земјава со сеење може да се започне уште во септември, сточен грашок 10-15, јачмен може и од 25 септември, другите житарки од почетокот на октомври, а пченицата некаде од 10 до 20 октомври.

ХРАНА

Ѓубривата се храната која е потребна за квалитетен род, а која се користи уште пред подготовката на почвата за сеење. Азотот е елемент кој е најбитен за порастот на растението, органоген (со негово пронаоѓање во достапна форма на растенијата е избегнат гладот). Значи, со екстракција прво во течна форма, амонијак, па потоа во цврста, се добиваат гранулирани ѓубрива кои се неопходни за прехранување на житарките. Другите два елемента, калиумот и фосфорот, исто така, играат важна улога за квалитетот на зрното, но и за градбата на растенијата.

 

СЕМЕ

Третиот чекор за високи приноси е квалитетно семе. Не е тајна дека со квалитетен семенски материјал се зголемуваат приносите. На релативно лоши површини имаме добри резултати, просечно 4.800 кг по хектар, а од тритикалето 5.800 кг по хектар. Семето е фактор што го зголемува приносот и затоа мора да се води сметка од каде се купува, бидејќи преку него се носат сите болести.

Сорти кои се препорачуваат: „подобрена оровчанка”, „агроунија прима”, „македонска родна”, „балканија”, „македонска рана” и, секако, тритикалето „агроунија”.Најголема реклама е кога сортата сама се шири, а засега најраспространета е „подобрена оровчанка”.

ВОДА

Водата е фактор без кој и житарките, како сите други видови растенија, не можат да опстанат. Во наши услови има 350 до 450 литри врнежи годишно, а годинава 650 литри, што би требало позитивно да се одрази на родот. По потреба, таму каде што има услови се наводнува, особено кога се во прашање високи температури. Познато е дека земјите кои во светот се вбројуваат како најголеми производители на житарки,Сирија, Русија, Саудиска Арабија, па и Турција, ги наводнуваат житарките.

Недоволни количества и квалитет од кој било од овие четири фактори го лимитира производството, односно влијае на намалување на вкупниот принос. Македонија располага со квалитетна земја од прва до трета категорија во Полог, Скопско поле, Пелагонија. Во останатиот дел земјиштето е од трета до седма категорија, што значи помалку родно, но со правилно производство, анализа и прихранување на почвата, со квалитетно семе и наводнување, последниве години, просечните приноси што се добиваат никогаш не се под 4.000 кг на хектар, односно секогаш околу 5.000 кг по хектар.

Иднина и перспектива, не само за Македонија, туку и за Балканот и за Медитеранскиот базен, претставува тритикалето (житарка добиена со вкрстување од пченица и рж). Има за 20 до 30 отсто поголем принос од пченицата. Во Полска пред 20 години имало околу 300-400 хектари, а сега околу седум милиони хектари се под тритикале. На Запад веќе се користи во исхраната на луѓето.

 

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *