Голема дискрепанца меѓу приходите од продажба и остварените профити. Ова е заедничко за десетина најголеми домашни компании од месната индустрија (производство, преработки, трговија со месо или трите заедно) „Пекабеско“ е убедливо најголемата домашна компанија на македонскиот пазар за месни производи, преработки и оваа компанија сама има поголем приход од 10 фирми од својата конкуренција.
Скопската индустрија специјализирана за месни преработки „Пекабеско“ е убедливо најголемата домашна месна индустрија, покажуваат официјалните податоци кои се јавно достапни. „Пекабеско“ лани остварил приходи од 78 милиони евра и тие во споредба со 2017 година пораснале за 9 отсто. Нето профитот на „Пекабеско“ лани е речиси 2 милиони евра.
„Пекабеско“ е недостижен за својата конкуренција ако воопшто може да се каже дека има конкуренција. Тоа е така заради тоа што збирот на приходите што ги оствариле лани: МИК Свети Николе, „Агриа“, „Промес“, македонското претставништво на „Перутнина Птуј“, „Солета“, „Еуромес“, „Екстра Меин“, УКА Комерц и „МИС Глобус“ се помали од приходите на „Пекабеско“ остварени лани.
Официјалните податоци за овие компании достапни во базата на ЦРМ покажуваат дека лани македонскиот пазар конзумирал месни, сувомесни производи и преработки вредни околу 150 милиони евра.