Николовска: Состојбата со откупната цена на зелката се следи, се работи и на стратегија за сигурен пласман

Вести

Цената на зелката во моментов е добра и им одговара на земјоделците. Ова произлезе од средбата на производителите, со посебниот советник за земјоделство на премиерот, Ленче Николовска.

“Мора да се воспостави систем во кој ќе се склучуваат и почитуваат договорите, заеднички ќе следиме како ќе се одвива пласманот, која ќе биде цената на странските пазари и по која ќе ја откупуваат домашните трговци” – истакна Николовска.

Во моментот, проблемот е во немањето никакви договори со трговците, во несигурноста и неизвесноста на откупот со години наназад.

“Денеска на состанокот во МЗШВ за откупот на зелката, запознав млади земјоделци, енергични, паметни и образовани. Агрономи…Тие ми ја потврдуваат вербата дека можеме заеднички да го направиме земјоделството добар бизнис и да ги задржиме тука. Тие се подготвени на новитети, следат светски трендови и сакаат да живеат и да работат тука.
За нив посебно ќе направиме се” – рече Николовска.

Пролетната зелка во моментов се извезува во Русија, Полска, Романија, Белорусија и Украина. Интересот за откуп е голем, поради што не се очекува вишок.

На состанокот, посебната советничка за земјоделство на премиерот, Ленче Николовска, рече дека состојбата се следи континуирано, но паралелно се работи и на долгорочна стратегија за обезбедување сигурен пласман и на создавање цврсто договорно производство меѓу земјоделците и откупувачите.

– МЗШВ ќе прави неделна анализа на цените на зелката на странските пазари, но и на побарувачката. Состојбата со откупната цена ќе се следи континуирано за навреме да се преземаат мерки, а земјоделците да не трпат ценовни шокови. МЗШВ интензивно работи и на развој на градинарството како земјоделски сектор преку субвенциите за мерките од Програмата за финансиска поддршка и на промоција и отворање нови пазари за македонските земјоделски производи, информираа од Министерството.

За да одржи откупната цена на зелката на задоволително ниво, деновиве ќе се одржи средба и со откупувачите на пролетна зелка.

Состанокот во МЗШВ со производителите е ден по предупредувачкиот протест што се одржа во Муртино.

 

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *