Институциите да ги расчистат сите нејаснотии, неправилности и можни малверзации околу Сојузот на тутунските здруженија за да нема ниту една дамка во тутунопроизводството кое државата го поддржува и го стимулира, од кое егзистираат 30 000 семејства и од кое годишно се остварува значаен девизен прилив, порача вчера од Прилеп министерот за земјоделство Љупчо Николовски.
![]()
Според него, поверениците, како претставници на тутунопроизводителите, мора да си ги добијат своите пари.
Министерот за земјоделство потенцира дека со новиот предлог-закон за тутун, освен што се укинуваат евидентните листови, ќе се либерализира и делот за назначувањето повереници.
Воедно информира дека досега во земјава се откупени над 24.000 тони тутун, откупот е при крај и се одвиваше непречено на општо задоволство на тутунопроизводителите. Досега се исплатени околу 80 милиони евра, а субвенциите ќе ги добијат како лани, според календарот на обврските.

