Овоштарство – календар за месец декември

Вести Овоштарство Совети

Во втората половина на декември, дневните и ноќните температури најчесто имаат негативни вредности и овошните дрва преминуваат во зимски одмор. Сепак, најпосветените овоштари може да ги искористат зимските месеци за некои итни зимски заштитни активности.

Зимските, а и сите останати третирања против болести и штетници, не би биле доволно ефикасни, доколку физички не се одстранат гнездата во кои презимуваат гасениците или јајцата на штетниците. Кога ке дозволат временските услови, потребно е да се испрскаат овошките со 2% раствор на бордовска чорба против габични болести и против антракноза и дидимела кај малините и рибизлите. Овошките кои се нападнати од грини, лисни и штитоносни вошки треба да се испрскаат со минерални масла во соодветна концентрација на растворот, а младите овошки да се заштитат од зајаци со соодветни репеленти.

Една од најважните мерки кај овошните кутури во овој период е резидбата. Зимската резидба се врши во периодот на мирување на овошките, од опаѓањето на лисјата до почетокот на вегетацијата, а летната во текот на вегетацискиот период, за време на порастот на леторастите. Предност и даваат на летната резидба, бидејќи зараснувањето на пресекот е подобро, дрвото е помеко и нема неповолно дејство од ниски температури.

Меѓутоа, зимската се смета за главна, а летната за нејзина корекција. Со резидбата секоја година треба да се заменат 25-30% од родното дрво, но, притоа водејќи сметка да се зачува формата на короната. Со резидбата се отстрануваат сувите и искршени гранки, се проредува короната и повремено се подмладува. Притоа е неопходно да се разликуваат родните (покрупни) од неродните (поситни) папки. Родните содржат зачетоци на цветовите. Треба да се внимава на носивоста на гранките, а треба да се знае дека кај јаболчестите видови се родни двогодишните гранчиња. По потреба се врши и проредување на плодовите, што директно влијае врз квалитетот и големината на плодовите, овошките не се истоштуваат, тие се поотпорни на зимските мразеви, а животниот век и плодоносењето им се подолги.

Зајаците и подземните кучиња причинуваат доста штети во овоштарникот, особено на младите, штотуку засадени овошки. Поради штетите што ги прават, малите глодачи, слични на глувци, треба навреме да се сузбијат. Тоа се прави така што околу овошката се бараат дупките и ходниците на подземните кучиња и во нив се поставуваат отровни мамци.

Овоштарите често ја одбираат и механичка заштита на своите насади обмотувајќи ги стеблата со жичано или пластично плетило или со најобични вреќи за компир. Подобар начин е ако стеблата на овошките ги заштитите со помош на надолжно расечени пластични или гумени цевки околу нив, а за тоа добро може да послужи и стара внатрешна автогума.

Чувањето на овошјето во текот на зимата е важна мерка, од која зависи квалитетот и должината на користењето на овошјето. Поголема количина на овошје најдобро се чува во ладилници, додека помалите количини можат да се чуваат и во мали простории. Просторијата во која се чува овошјето претходно треба да се исчисти и вароса, со додаток на 1% син камен во варното млеко.

Амбалажата треба да биде чиста и здрава. Јаболката најчесто се чуваат во сандаци, јаболчари, наредени еден врз друг, подигнати од подот 10-тина см. Крушите се чуваат во холандези, наредени во еден ред, а се редат еден врз друг, од причина што крушите се поосетливи на скапување, па е потребно проветрување на просторијата. Скапаните плодови се отстрануваат, за да не се инфицираат здравите. Најдобро е сандаците и холандезите да се обложат со перфорирана хартија. На тој начин плодовите помалку се набиваат при допир со амбалажата и помалку се скапуваат. Просторијата каде се чува овошјето повремено се проветрува со отварање на прозорците и вратите. Во есенскиот период, проветрувањето се врши навечер, за да влезе ладен воздух и на тој начин температурата во просторијата се снижува, со што се овозможува подолго зачувување на плодовите

 

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *