Со трибина во Ресен на 8 јули, продолжува едукативната кампања за подигнување на јавната свест за земјоделско осигурување во организација на земјоделското здружение „Современо земјоделство“ и осигурителени компании, а со поддршка од Владата на Република Северна Македонија.
Идејата за оваа кампања произлезе од потребата за поголема едукација и информираност на земјоделците за важноста од осигурувањето имајќи предвид влијанието на климатските промени и несигурноста на земјоделското производство како „фабрика на отворено“. Учество во кампањата земаат осигурителните компании „Триглав“, „Евроинс“, „Кроација“, „Сава“ и „СН Осигуритeлен брокер “АД Битола.
На трибините, покрај земјоделци, стопанственици, претставници на осигурителните компании, учество зема МЗШВ, АПРЗ, АФПЗРР и Посебниот советник за земјоделство, шумарство и водостопанство во КПВРСМ, Ленче Николовска.
Земјоделците воглавно чекаат само на директната помош од државата за надоместување на штетите што ги претрпеле од поплавите и други временски неприлики. Постапката за исплатата на отштетата трае подолг период, а во бројки тоа изнесува околу 5 милиони евра трошок, за сите оштетени, што е прилично голем износ, кој може да се пренасочи за други потреби во земјоделството, како превентива од климатските промени.
Најдобро е земјоделците да ги осигураат своите површини, односно посевите со кои тие се засеани, со што многу полесно ќе ја надоместат штетата и побрзо ќе можат да го обноват производството.
Поддршка во осигурувањето добиваат и од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство кое покрива 60 отсто од вредноста на полисата, преку субвенционирање. На овој начин ќе се избегнат сите несакани фактори од суша, од град, од поплави, така што земјоделците ќе имаат можност да дојдат до одредени средства преку отштетата што ќе ја исплати осигурителната компанија.