Со нов проект на ФАО ќе се зајакнува отпорноста на земјоделството кон климатските промени

Вести

Земјоделството е особено чувствително на екстремни временски услови и катастрофи.
Климатските промени предизвикуват големи штети на земјоделското производство и влијаат на руралната егзистенција и сигурноста на храната. Особено ранливи на климатските промени се малите земјоделски стопанства поради нискиот капацитет за адаптација предизвикан од низа фактори меѓу кои ограничена едукација за влијанијата на климатските промени, недостаток на средства за тестирање и демонстрација на адаптивни земјоделски практики, недоволни системи за наводнување во однос на капацитетите и техниките за заштеда на вода, итн.

Зголемување на отпорноста на земјоделството, како клучен сектор во македонската економија и важен работодавач во руралните средини, е еден од основните национални приоритети и клучна област на соработка помеѓу ФАО и Владата на Република Северна Македонија.

На денешна онлајн работилница, ФАО и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство го најавија започнувањето на нов проект од програмата на ФАО за техничка соработка чија цел е да се зголеми отпорноста на земјоделскиот сектор преку зајакнување на координацијата и капацитетите на институционално ниво, како и преку промовирање на добри земјоделски практики за отпорност кон климатските промени за самите земјоделци.

Во рамки на новиот проект, ФАО ќе му помогне на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство да развие нова стратегија за наводнување. Дополнително, ќе се обезбеди техничка поддршка за унапредување на дел од активностите на Управата за хидрометеоролошки работи, подобрување на размената на климатски информации и нивната примена во земјоделството, како и поддршка за други политики како Методологија за штети и загуби во земјоделството како резултат на природни катастрофи. Она што е исто така важно е дека овој проект ќе пилотира нови, климатски паметни технологии на терен со цел да ја приближи нивната примена до земјоделците и другите засегнати страни.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски кој ја отвори работилницата истакна дека „Стратегијата за наводнување ќе биде насочена кон дијагностицирање на проблемите и дефинирање на концепт на развој и одржливост на хидро мелиоративните системи во Република Северна Македонија во наредните 20 години, а ќе се утврди и потребата од инвестиции во постоечката инфраструктура, како и градење на нови системи согласно потребите на земјоделското производство.”

Г-динот Набил Ганги, заменик регионален претставник на ФАО за Европа и Централна Азија, истакна дека ФАО е долгогодишен партнер на македонската влада и дека овој проект е продолжение на претходни заеднички напори за подобрување на продуктивноста, конкурентноста и отпорноста на македонското земјоделство, меѓу кои зајакнување на системот за следење и рано предупредување за заштита од екстремни временски појави, развој на капацитетите на клучни институции од областа агрометерологија, контрола на штетници и болести кај растенијата и животните, мерки за адаптација на добитокот кон климатските промени, воспоставување агро-еколошки зони и агро-еколошки информативен систем, итн.

Проектот ќе трае 19 месеци и во неговата имплементација ќе бидат вклучени релевантни министерства, институции, владини агенции, земјоделски здруженија, академијата како и релевантни меѓународни партнери.

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *