Организирано производство и сигурен пласман на производите, е еден од моделите за развиено и конкурентно земјоделство.
На оваа тема денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, заедно со директорите на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и на Државниот инспекторат за земјоделство, Николче Бабовски и Јане Станкоски, разговараа на заедничката трибина со земјоделците и откупувачите на земјоделски производи во струмичкиот регион.
Од трибината произлегоа предлози од двете страни, кои што на ресорното министерство ќе им користат во планирањето на политиките, се со цел да се обезбеди цврсто договорно производство и сигурен пласман.
На трибината земјоделците се интересираа до каде е процесот за ревизијата на даденото земјоделско земјиште под концесија, бидејќи според нив дадените површини во изминатите години не се обработуваат целосно, а дополнително истото земјиште се издава под закуп. |
Прозводителите на јапонска јаболка побараа намалување на цената на сертификатот за извоз „Глобал Габ“, а голем интерес беше искажан и за плаќањето на персоналниот данок, односно за ослободувањето на земјоделските производители кои остваруваат до еден милион денари. |
Дел од претставниците на земјоделските здруженија побараа да учествуваат во донесувањето на земјоделските политики, да има заштитени откупни цени, а во креирањето на даночната политика да учествуваат и земјоделците. Тие побараа покрај така наречената зелена нафта, да добиваат субвениции и за бензинот, бидејќи голем дел од површините во Струмичко се наводнуваат со пумпи кои работат на бензин. „Знаеме за неискористениста на државното земјоделско земјиште дадено под закуп, а ревизијата го заврши извештајот кој е доставен до мене и според него ќе преземеме конкретни мерки. Отворивме и „кол центар“ во министерството, со цел ваквите конкретни состојби што ги знаете да ги пријавите. Во овој период имаме раскинати договори и еден таков е за површина од 700 хектари, а има и многу други“,изјави министерот Николовски. При тоа, министерот Николовски посочи дека интензивно се работи на отворањето нови пазари и дека се создадени нови контакти и можности за пласман и извоз на македонските земјоделски производи. „Има резултат посетата на премиерот на Владата на Република Турција, каде се разговараше конкретно за извозот на нашето јагне. Со египетскиот министер за земјоделство и покрај високите царини се договоривме на наше писмено барање да понудиме што ќе извеземе и царините да бидат сведени на минимум. Очекуваме една голема делегација од Катар, особено во делот на земјоделството, со која ќе разговараме за извоз и пласман на нашите производите“, посочи министерот Николовски. Министерот Николовски посочи дека моделот на заеднички средби со сите чинители во земјоделскиот сектор и надлежните институции од секторот е важен за навреме да се решаваат сите отворени проблеми, но и за креирањето на идните политики на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. |