Во Гевгелија се одржува традиционалната „Смоквијада 2021“

Вести

Во Гевгелија се одржува традиционалната манифестација 15. по ред „Смоквијада 2021“ во организација на Здружението на граѓани „Тера“. Поради пандемските услови, на овогодинешната манифестација, исто како и минатата година, пријавените 10 екипи составени од по 2 учесника ќе го варат слаткото од смокви во домашни услови, во своите домови.

Комисија, во која меѓу другите се и идејните творци на оваа манифестација: Ратка Гавровска, Ани Костадинова, Тони Аврамов и Крунислав Прошев, ќе ги посетува екипите и ќе го следи процесот на подготовка на слаткото.

Фото: Facebook

За да се следат сите екипи, варењето се одвива два дена, односно вчера и денеска во попладневните часови, а на Денот на независноста на татковината, 8 септември, ќе биде прогласено најдоброто слатко на платото пред Народниот театар во Гевгелија.

Доживување што може да се има само во Гевгелија во деновите додека се слави и почитува еден од најценетите специјалитети на регионот – слаткото од зрели смокви. Приказната на оваа реномирана манифестација по која Гевгелија надалеку е позната, но и стана препознатлив бренд на градот, во своето 15. издание бележи повеќе од 200 учесника кои своите марифети во готвењето ги презентираа и промовираа пред гевгеличани.

Музички ѕвезди меѓу кои: Хари Мата Хари, Даниел Кајмаковски, Викторија Лоба, Ламбе Алабаковски, Нино Величковски, Иван и Кико Раденови, „Зијан“, Оливера Станковска, Васил Ангов, фолклорни друштва од Грција, Хрватска, Бугарија, Србија и од регионот ја збогатуваа манифестацијата. За „Смоквијада“ информираа медиуми од земјава и од странство, но сепак во сите 15 години беше најважната цел: да се зготви најслаткото слатко од зрели смокви и да се зачува традицијата на предците.

Гевгеличани знаат да кажат дека понудата за слатко од смокви во Македонија е голема, но гевгелиското слатко од смокви велат тие е најдоброто.

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *