Земјоделците можат бесплатно да користат технолошка вода

Вести

Кавадарци активира два бунара со што земјоделците можат бесплатно да користат технолошка вода во земјоделството, за прскање и миење трактори. Капацитетот е околу десет литри вода во секунда.

Градоначалникот Митко Јанчев вели дека локацијата е погодна, бидејќи е на самиот излез од градот. Наспроти оваа локација е и депото со гаражи во кои земјоделците можат да ја оставаат својата земјоделска механизација и опрема.

– Со ова очекуваме да се намали потрошувачката на вода во Кавадарци. Заеднички со Јавното претпријатие „Комуналец” ја спроведуваме програмата зацртана за четиригодишниот мандат. Како земјоделски регион ја остваривме целта да им олесниме на земјоделците. Но, водата ќе може да ја користи и комуналното претпријатие за перење улици, наводнување јавни површини  и задоволување на други потреби од технолошка вода – нагласи градоначалникот.

Директорот на „Комуналец”, Ѓоко Поп Ицов рече дека инвестицијата кај бунарите е 1,5 милиони денари. Само при миење на улици, ќе се заштедат 150 до 200 кубни метри вода за пиење на дневно ниво, во зависност од сезоната.

– Решаваме и друг проблем. На локацијата каде претходно се полнеше вода за цистерните, има колективни станбени згради, па додека се користеше вода за комуналните возила, се нарушуваше  водоснабдувањето за дел од становите. Сега тоа е минато – додаде Поп Ицов.

Градоначалникот Јанчев истакна дека продолжуваат и инвестициите во  „Комуналец”. Со средства на комуналното претпријатие купено е ново софистицирано возило за чистење булевари, сливници, таложници и шахти, чија вредност е три милиони денари.

– Со ова уште повеќе ќе ја подобриме хигиената и ќе придонесеме за уште поеколошка средина. Станува збор за голем проект од големо значење за Општината – додаде Јанчев.

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *