Иако бројките годинава покажуваат пораст на земјоделското осигурување во однос на минатите години, сепак сè уште сме далеку од бројките што ги имаат развиените држави во осигурувањето на овој сектор. Според Агенцијата за супервизија на осигурувањето земјоделското осигурување годинава се зголемило за 216,69 отсто со бруто-полисирана премија од 80,9 милиони денари со склучени 523 договори што претставува пораст од 82,9 отсто.
Агро-експертите сметаат дека во Македонија има проблем и кај земјоделците и кај осигурителните компании, односно од една страна треба да се подигне свеста кај земјоделците за придобивките од осигурувањето, а од друга страна да се работи на подигнување на професионалноста на осигурителните компании.
Агро-експертите сметаат дека само добро поставените правила на игра и јасни критериуми што и како треба да биде платено, како и договори без ситни букви од осигурителните компании, се гаранција за земјоделците дека ќе си ја добијат заштитата која ја платиле со плаќање на осигурителната премија.
– Земјоделството е сè поизложено на климатските промени и поради тоа земјоделците за да си го заштитат родот почнаа масовно да ги осигуруваат имотите.
Сепак, генералната слика кажува дека во Македонија се уште постои ниско ниво на развој на земјоделско осигурување, а една од причините за тоа е што Владата врши директно обесштетување на сите земјоделци погодени од катастрофи.
Во земјоделството најчесто се осигуруваат лозовите и овошните насади, житните и градинарски култури, а освен од град, пожар и гром, насадите се осигуруваат и од пролетен мраз и губење на квалитет.