Вчера во Охрид, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, имаше билатерална средба со министерот за земјоделство и рурален развој на Република Албанија, Нико Пелеши. На состанокот беа отворени сите прашања во делот на трговската размена помеѓу двете земји, можноста за зголемување на меѓусебната трговија, системот на следливост на млечни и месни производи, како и мерките на двете држави за контролата на искористувањето на пастрмката во Охридското езеро. Двајцата министри се договорија итно да се формираат работни работни групи составени од надлежните институции на двете држави, а кои што во следниот период треба да одржат состаноци на кои што ќе отворат сите прашања поврзани со трговската размена, системот на следливост на млечни и месни производи, како и мерките на двете држави за контролата на искористувањето на пастрмката во Охридското езеро. „Се договоривме овие работни групи веднаш да започнат со состаноци и за еден месец да се донесат заклучоци по сите отворени прашања. Отворивме повеќе прашања кои и претходно се отворале но немало резултат. Разговаравме за потенцијалот за зголемување на трговската размена со Албанија. Во 2015 и во 2016 година имало проблеми во делот на задржување на робата на граница. Сметам дека сега во духот на Берлинскиот процес. Разговаравме и за рибарството, односно делот со мерките за контрола на искористувањето на рибниот фонд во Охрид. Со министерот Пелеши се договорвме да има зајакнати контроли од двете страни“, изјави министерот Николовски. Министерот за земјоделство и рурален развој на Република Албанија, Нико Пелеши, посочи дека двете земји треба да го искористат времето до влез во Европската унија, за унапредување на трговската размена и прилагодување кон европските регулативи, особено во делот на земјоделството. „Ова за нас е важен состанок, со оглед на тоа дека и двете земји се интензивно насочени кон евроинтеграциите и овој состанок е во духот на Берлинскиот процес кој што подразбира зголемување на меѓусебната соработка. Сакам од оваа средба да произлезат заклучоци кои ќе значат зголемување на трговската размена и искористување на сите потенцијали во таа насока. Албанија има производи кои што вие ги немате, и обратно, вие како земја имате производи кои нас ни требаат, затоа и трговијата треба да се одвива слободно и без бариери“, изјави министерот Пелеши. Министерот Николовски посочи дека Република Македонија и стои на располагање на Република Албанија во делот на споделување на искуства за преземање на чекори за искористување на ИПАРД Програмите, со оглед на тоа дека Албанија сега треба да го објави првиот оглас од ИПАРД Програмата. Воедно двајцата министри се договорија да ја разгледаат можноста за искористување на меѓуграничните проекти поддржани од ИПА инструментот. Република Македонија и Република Албанија имаат потпишано Протокол за соработка во областа на земјоделството, меѓу Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Македонија и Министерството за земјоделство и храна на Република Албанија, во јуни 2005 година во Тирана, кој е се уште важечки, но не е функционален. |